Југоисточна Европа го претвора „одливот на високообразовен кадар“ во „придобивка“

25/06/2007

Чувањето на квалификувани професионалци дома стана главен предизвик за многу земји од регионот. Иако промената на тенденцијата кон емигрирање не е секогаш можна, владите работат со универзитетите и меѓународните организации за да го претворат овој проблем во предност.

Од Габриела Преда за Southeast European Times – 25/06/07

Поимот „одлив на високообразовен кадар“, кој потекнува од 1950-тите години, обично се поврзува со губиток. Но, во Југоисточна Европа тој претставува една посложена појава. Често оваа тенденција би можела да биде подобро опишана како “циркулација на високообразовниот кадар“, бидејќи многу емигранти придонесуваат кон домашната економија пуштајќи им пари на своите семејства. Во меѓувреме, многу земји од регионот се обидуваат да го претворат „одливот“ во “придобивка“, преку комбинација од јавни и приватни иницијативи.

Милиони лица од Југоисточна Европа ги напуштаат своите земји во потрага по подобар живот на било кое друго место. Поголем број се високо квалификувани професионалци и академици. Мнозинството -- научници, истражувачи, главни менаџери и студенти -- се намамени од привлечните можности за кариера, платите и подобрите услови. Истовремено, земјите, исто така, го губат човечкиот капитал преку “губење на високообразовниот кадар“ или внатрешен одлив на мозоци, бидејќи експертите ги напуштаат работните места во својата област со цел да најдат подобро платени работни места во кои не е потребна нивната професионална стручност.

Последиците се сериозни. Според извештајот на УНЕСКО „Наука, технологија и економски развој во Југоисточна Европа“, бројот на истражувачи сериозно опаднал во изминатите децении. Многу земји искусуваат емиграција до 70 отсто на нивните квалификувани професионалци. Две од три работни места за предавање и истражување се изгубени на некои универзитети, уништувајќи го научното истражување и високообразовните капацитети.

На пример, во Босна и Херцеговина (БиХ) 79 отсто од научните техничари, 81 отсто од магистрите и 75 отсто од докторите на наука ја имаат напуштено земјта од 1995-та година. Според истиот извештај, во Албанија забележано е губење на 40 отсто од академскиот кадар од Унивезритетот во Тирана, од кои 90 отсто биле под 40 годишна возраст. Трошоците на оваа економска миграција, во поглед на човечкиот развој и јавната благосостојба, се неизмерни, бидејќи владите често пати користат оскудни ресурси за субвенција на образованието и стручна обука на работниците, кои подоцна кога ќе заминат ги понесуваат со себе потенцијалните економски и социјални предности. Тогаш земјите се обидуваат да ги пополнат местата во јавните социјални служби и да се справат со недостигот од стручност во клучните економски сектори.

Но сега, според меѓународните заедници и националните влади, оваа тенденција постепено се менува низ регионот, бидејќи емигрантите се повеќе и повеќе се обидуваат да ја искористат својата стручност, способностите и капиталот со цел да станат вистински партнери во развојот на нивните земји.

Дури и кога загриженоста за животните услови или политичката нестабилност наметнуваат бариера за враќање, новата технологија овозможува „виртуелно учество“ во изградба на нацијата. Иницијативите започнати од страна на разни внатревладини или национални институции овозможуваат споделување на знаењето и размена на стручноста во економскиот, социјалниот и културниот капитал.

Во меѓувреме, универзитетите во регионот се на самиот врв од обидите да го претворат „одливот на високообразовен кадар“ во “циркулација на високообразовен кадар“. Проектите вклучуваат програми за размена кои го поттикнуваат академскиот и научниот кадар да започнат кратки периоди на стручно усовршување во странство, како и создавање на дигитални мрежи.

Заеднички проект на УНЕСКО и Хјулит Пакард (ХП) за пробни решенија за ублажување на одливот на високообразовниот кадар во регионот беше имплементиран во 2003 година во неколку земји од Југоисточна Европа. Со обезбедување на ресурси, вклучувајќи и технолошки и финансиски средства, за разни универзитети, оваа иницијатива им овозможи на младите научници од регионот да работат во рамки на заеднички истражувачки проекти со нивните сограѓани кои живеат во странство. Проектот им обезбеди мрежна технологија на многу универзитети од Албанија, БиХ, Хрватска, Македонија, Србија и Црна Гора.

„Универзитетите учесници успеаа да направат екипи на факултетски наставен кадар, научници и одговорни луѓе низ регионот, сите работејќи заедно“, вели координаторот на програмата Стаменка Увалиќ-Трумбиќ. На пример, на Универзитетот во Белград неколку млади инженери останаа во земјата со цел да развијат експерименти користејќи мрежна компјутерска технологија. Покрај тоа, на регионално ниво, редовните средби за проектот, исто така, делуваа како стимул за надминување на границите.

„Проектот не само што ги зајакна научните и образовните капацитети на национално ниво, туку и го обнови дијалогот помеѓу младите истражувачи од регионот после долги години на прекината комуникација“, рече Увалиќ-Трумбиќ. Мрежите направени со поддршка на УНЕСКО/ХП функционираат автономно со цел споделувањето на иновативни искуства да им помогне на истражувачите од регионот да ги консолидираат локалните капацитети и да започнат истражување преку границите, без притоа трајно да го напуштат својот дом.

Свесни за потенцијално деструктивниот структурен проблем со кој се соочува образовниот сектор во регионот, ЕУ, исто така, стана клучен актер. Унијата ги поддржува истражувачите преку низа програми како што се Темпус (наменета за модернизирање на високото образование) и Ерасмус Мундус. Исто така, т.н. Болоњски процес -- започнат во 1999-та година со цел да создаде обединет европски образовен простор произлезе од процесот за евроинтеграција -- ги поттикна реформите во образованието на Балканот.

Неодамна, некои земји-членки на ЕУ имплементираа „научна виза“, изготвена со цел да им олесни на истражувачите од земјите кои не се во ЕУ да добијат работни визи за земјите од Унијата. Оваа директива, која беше донесена во 2005 година, ќе стане национален закон во земјите-членки на ЕУ до октомври.

Според многу експерти, иницијативите за придобивање на високообразовниот кадар се бавни и се соочуваат со многу пречки, главно заради недостигот од информации или капацитет за нивно спроведување. Како и да е, според многу меѓународни организации и национални влади, тенденцијата постепено станува позитивна. Постепено се создава еден нов начин на размислување, бидејќи креаторите на политиката почнуваат да сфаќаат дека мобилноста не мора да се сфати само како закана. Канализирана правилно, таа може да и помогне на земјата, па дури и да стане вистинска предност.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Home Regular Site Одрекување За нас